Рехабилитација кај ПАРЕЗА НА ЛИЦЕВ НЕРВ – Белова Пареза
Парезата на лицевиот нерв е релативно честа состојба која се манифестира со акутно настаната слабост на мускулите на едната половина на лицето. Лицевиот нерв е значаен за комуникација и емоционална експресија. Оштетувањето на неговата функција може значително да го наруши квалитетот на животот.
Причини:
Во најголем број од случаите причините за настанување на Беловата пареза се непознати, а во помал број, парезата е последица на вирусна инфекција (Herpes Simplex Virus), повреди на главата, тумори, артерио- венски малформации, мозочни инфекции.
Како се манифестира?
Клиничката слика на Беловата пареза се одликува со акутно настаната слабост на едната половина на лицето, со отежнато џвакање на таа страна, намалена лицева експресија, редуцирано трепкање, отежнат говор, неможност за комплетно затворање на очниот капак на зафатената страна.
Како се поставува дијагнозата?
Диајгнозата најчесто се поставува клинички, врз основа на добро земената анамнеза, клиничкиот преглед и електромиографско испитување. Понекогаш се прават дополнителни клинички испитувања од типот на нуклеарна магнетна резонанца на главата со цел да се исклучи било каква централна причина за настанување на парезата.
Како се лекува?
Навременото почнување со лекување спречува појава на трајни оштетувања на лицевиот нерв и неговите функции. Третманот е најчесто конзервативен (кортикостериоди, антибиотици, виростатици, витамини) а физикалната терапија има клучна улога.
Физиотерапија
Во раните фази на парализа на лицето освен медикаментозната терапија, најважното нешто што треба да се направи е да е провери дали пациентите на соодветен начин се грижат за заболеното око. Бидејќи фацијалниот нерв е одговорен за производство на подмачкување на рожницата, а и поради неможноста од затварање на капакот, пациентите имаат голема веројатност да страдаат од суво око во првите недели на парализа на лицето.
Од физикални процедури најчесто се користат: електрофореза на лекови, електростимулации, ласеротерапија, апликација на топлотни процедури, мануелна терапија, кинезитерапија, неурофидбек, проприоцептивна невромускулна фацилитација и едукација со вежби за мимичката мукулатура на пациентот во домашни услови.
Кинезитерапија
Кинезитерапијата има значајно место во третманот и закрепнувањето на слабоста на мускулите на лицето. Задачите на кинезитерапијата се да ја зачува и зголеми еластичноста на меките ткива на лицето, да ги зачува движењата на мускулите на лицето, да ги стимулира активностите на паретичните и паралитичните мускули и да ги зајакне ослабените мускули.
Нашите физиотерапевти се обучени за примена на клучната кинезитерапевтска техника ПНФ-проприоцептивна невромускулна фацилитација во процесот на рехабилитација, која допринесува за брзо враќање на функционалноста на паретичната лицева мускулатура.
Компликации и последици
Една од компликациите која е можно да се појави поради оштетувањето на фацијаниот нерв е синкинезата (истовремени контракции на два или повеќе мускули на лицето). Физиотерапијата е исклучително корисна во управувањето со синкинезата, особено техниките за невромускулна реедукација и неурофидбек вежбите пред огледало.
Уште една компликација која се јавува поради задоцнета рехабилитација е контрактура и атрофија на паретичната фацијална мусклатура која може да биде пречка за враќање на комплетната функционалност.
Рана примена на физикална терапија е од исклучително значење во процесот на лекувањето и враќање на функционалноста на паретичната лицева мускулатура и враќање на квалитетот на животот на болниот.