Методија Шаторов-Шарло бр.15/1-10
Аеродром, 1000 Скопје, Северна Македонија
02 2466021
070333235
contact@lasermed.com.mk
laser_med@yahoo.com

Спинална декомпресивна спинална терапија

Цервикалниот и лумбалниот синдром на ΄рбетниот столб се едни од најчестите болни состојби на современиот човек и причина за онеспособеност и пореметена функционалност во извршување на секојдневните активности. Според научните истражувања, скоро да не постои човек кој во еден момент од животот не искусил болка во вратниот и крстниот дел на ΄рбетниот столб.

Едена од методите на третман на хронична болка во ΄рбетот е екстензија или уште позната како спинална декомпресија на ΄рбетниот столб. Тоа е тераписка и превентивна метода која се користи во медицинската рехабилитација за истегнување на ’рбетот со употреба на механичка сила за да се намали болката, нарушената циркулација, намалената еластичност на меките ткива на рбетот, нарушената трофика и патолошкото дразнење на неврорецепторниот апарат.





Начин на примена на декомпресивната терапија

Декомпресивната терапија е безболна техника на лекување. Се изведува на кревет за екстензија и со компјутеризиран уред кој гарантира максимална ефикасност и безбедност. Со екстензијата се започнува неколку дена по акутниот напад на болка, при што се истегнува 'рбетниот столб и придружните мускули и лигаменти, се зголемува интервертебралниот простор и на тој начин значително се намалува или целосно се отстранува притисокот врз нервните структури (според некои радиографски студии, силата на влечење ги зголемува интервертебралните простори за 1,5-2,5 mm).

Механизмот на дејствување на декомпресијата

Механизмот на дејството на екстензијата се заснова на зголемување на интервертебралниот простор, што зависи од силата на истегнување, што значително го намалува или целосно го елиминира контактот на дискусот на нервниот корен или крвните садови. Благодарение на декомпресијата, во зафатениот дел на 'рбетниот столб се создава голем потпритисок, кој го аспирира (вшмукува) јадрото на дискусот кој е излезен од фиброзната овојница. Голема, речиси главна улога во тоа ја има задниот лонгитудинален лигамент кој истегнувајќи се ја оделува хернијата од нервот, а со тоа болката се купира.

Техника на примена на декомпресивната терапија

Екстензијата на цервикалниот 'рбет се изведува во лежечка или седечка положба. Главата е фиксирана со стегач кој е поврзан со уредот за декомпресија. Тракцијата се изведува во положба на определена флексија, а флексијата се поставува во зависност од нивото на стеснувањето на меѓупршленскиот простор на кој се дејствува.
Екстензијата на лумбалниот 'рбет обично се изведува во лежечка положба на грб, при што нозете се фиксираат во колковите и колената, а потколениците се поставени на посебна платформа што може да се движи. Во оваа положба се постигнува израмнување на лумбалната лордоза и релаксација на паравертебралната мускулатура. Со помош на ремени, градите и карлицата се фиксираат на две соседни плочи од креветот за екстензија. Со ширење на плочите се истегнува и лумбалниот 'рбет.

Познати се и други положби на екстензија на лумбалниот 'рбет: хоризонтална екстензија на абдомен, вертикална екстензија, екстензија во положба на латерофлексија, латероротација итн.

Декомпресијата во зависност од дијагнозата може да биде:
- континуирана - се применува континуирано со иста влечна сила
- интермитентна - се применува во интервали, каде што имаме фаза на влечење и фаза на одмор
- последователно-прогресивно - тоа е интермитентно влечење во кое силата на влечење се зголемува сукцесивно, во текот на секоја наредна активна фаза.

Силата на влечење зависи од тоа дали синдромот на болка е акутен или хроничен. Кај акутен синдром се користи помалку сила, кај хроничен синдром - повеќе. Наизменичното влечење се применува со поголема сила од континуираното. Силата на влечење се зголемува постепено. Наглото зголемување има иритирачки ефект врз проприорецепторите и го зголемува спазмот на паравертебралните мускули.
Времетраењето на постапката е различно и зависи од видот на влечењето и применетата сила. Лумбалната декомпресија трае од 15 до 35 мин, а цервикалната од 10 до 25 мин.
Третманот се состои од 10 до 20 процедури, кои се применуваат секој ден. Најчесто се препорачуваат 10-12 процедури.

Како вовед за декомпресијата се користат процедури со релаксирачки и аналгетски ефекти (електротерапија, ултразвучна терапија, ласеро терапија, мануелна терапија итн.). А по завршување на терапијата, пациентот се едуцира за примена на специјализирани вежби за јакнење на паравертебралната и абдоминалната мускулатура.
Постапката завршува со постепено намалување на влечната сила и постепено отстранување на фиксацијата. Пациентот останува да лежи на масата минимум 10 минути во истата положба во која е извршена декомпресијата.
За да се пристапи кон декомпресивната терапија, неопходна е дијагностика, (рендгенографија, магнетна или компјутеризирана томографија) на ΄рбетниот столб.

Индикации за декомпресивната терапија

Дискус хернија
Спинална стеноза- тинитус (зуење во ушите)
Дегенеративна дископатија
Спондилолистеза (со мала дислокација)
Исшијалгија
Брахиалгија
Парестезии (трпнење) на екстремитетите
Главоболки
Вртоглавици
Тинитус (зуење во ушите)

Контраиндикации за употреба на спиналната декомпресија се:

Акутна дискус хернија
Туберкулозен спондилитис
Тумори
Фрактури
Напредна остеопороза
Девијации на ΄рбетниот столб
Сподилолистеза (со поголема дислокација)
Вештачки диск
Ингвинална хернија
Тешки срцеви и белодробни заболувања
Бременост

Спротивставете и се на гравитацијата преку примена на безбедна и безболна неоперативна декомпресивна терапија и санирајте ги болките и онеспособеноста на вратниот и лумбалниот дел на ΄рбетот.