МУЛТИПЛА СКЛЕРОЗА – Болест со илјада лица
Мултипла склероза претставува заболување на централниот нервен систем и ΄рбетниот мозок. Кај мултипната склероза, имуниот систем на индивидуата ги напаѓа заштитните (миелински) обвивки на нервните влакна во централниот и ΄рбетниот мозок, на тој начин попречувајќи ја нивната нормална функција.
Симптоми:
Во текот на болеста симптомите варираат, а зависат од местото на оштетување. Најчесто се оштетени движењето, осетот, видот. Се јавува слабост во нозете и рацете, отежнато самостојно одење и стоење, загуба на рамнотежа, вртоглавици, нарушен површен и длабок сензибилитет, појава на дупли слики при гледање, проблеми со уринирање и одрзување на либидото.
Тек на болеста
Најчесто текот на болеста е релапс-ремитентен. Болеста има периоди на влошување и појава на нови симпоми, односно релапси што може да траат со недели, поретко месеци, по што следи период на ремисија односно повлекување на симптомите. Потоа болеста влегува во стабилна фаза која може да трае со месеци односно години, се до појава на нов релапс.
Причини за појава на Мултипна Склероза (МС)
Причините се непознати. Се смета дека МС е автоимуна болест и комбинација на генетски фактори и фактори на околината придонесува за нејзин развој.
Ризик фактори:
Возраст (20-40 год.), пол (женски), блиски членови на семејството кои веќе боледуваат од МС, претходни инфекции со вируси (Ebstein-Bar вирус), географски подрачја каде што има помал број на сончеви денови во текот на годината( Северна Европа, Северна Америка, Канада ), историја за претходни автоимуни заболувања, ниски вредности на вит. Д во крвта, пушење.
Дијагноза:
Дијагнозата на МС се поставува врз основа на клиничката слика и дополнителни клинички испитувања од типот на нуклеарна магнетна резонанца на мозокот и ΄рбетниот мозок и лумбална пункција.
Лекување:
Не постои специфичен третман за мултипла склероза. Лекувањето се состои во успорување на напредокот на болеста и менаџирање на симптомите. Во лекување на нападите односно релапсите на МС се користат високи дози кортикостероиди и плазамафереза (најчесто се применува кога третманот со кортикостероиди не ги дава посакуваните резултати).
Надвор од релапсите се користат лекови кои го модифицираат текот на болеста и ја намалуваат стапката на прогресија. Физикалната терапија значително го намалува функционалниот дефицит кај пациентите со мултипла склероза и ја зголемува автономноста во секојдневното фукционирање.
Мултиплекс склероза е прогресивна болест за која не постои специфичен модел на рехабилитација. Процесот на рехабилитација се заснова на подобрување на пост-акутната активност на демиелинизацијата и има за цел подобрување на движењата, одот, рамнотежата и координација на движењата.
Болеста се карактеризира со осцилирачки и тешко предвидливи симптоми, па затоа е тешко да се препорача специфичен протокол за рехабилитација.
Физиотерапијата игра голема улога во забавувањето на прогресијата на функционалното оштетување о онеспособноста. На пациентот треба да му се објасни моменталната ситуација како и текот на самата болест и исклучително е важно пациентот целосно да ја разбере важноста на рехабилитацијата како би можел активно да се вклучи во работата и да биде мотивиран.
Рехабилитацијата се прилагодува на кондицијата и менталниот статус при планирањето на протоколот на пациентот преку индивидуален пристап и програма. Важно е да се процени како се чувствува пациентот бидејќи промените во расположението се вообичаени. Температурата на околината исто така претставува ограничувачки фактор во рехабилитацијата. Програмата за рехабилитација вклучува методи на физикална терапија, кинезитерапија, мауелна терапија, миофасцијална терапија, работна терапија, терапија на говорни и когнитивни нарушувања, употребата на помагала и едукацијата на пациентите и членовите на семејството.
Рана дијагностика и рана примена на рехабилитациони методи, овозможува превенција и добар функционален исход кај заболените со мултипла склероза