Методија Шаторов-Шарло бр.15/1-10
Аеродром, 1000 Скопје, Северна Македонија
02 2466021
070333235
contact@lasermed.com.mk
laser_med@yahoo.com

ДИСТОРЗИЈА НА СКОЧЕН ЗГЛОБ – најчеста повреда на стапалото

Една од најчестите повреди на стапалото е дисторзијата на скочниот зглоб или кај народот познато како шинување на скочниот зглоб.

Настанува при неконтролирано извртување на скочниот зглоб на рамна или нерамна површина при движење или при некоја спортска активност. Извртувањето најчесто е кон внатре, поретко кон надвор.

Оваа повреда на скочниот зглоб се класифицира во три   категории:

  • Истегнување на лигаментите – дистензија
  • Делумна руптура или кинење на лигаментите – парцијална руптура
  • Комплетна руптура или кинење на лигаментите – комплетна руптура

Во зависност од симптомите, големината на отокот и способноста за стапнување на повредената нога после повредата, можеме да се ориентираме за тежината на повредата.

Доколку отокот е благо изразен и може да оди со повредената нога, повредата е дистензија односно истегнување на лигаментите.

Кога отокот е голем и не може да оди со повредената нога тогаш се работи за руптура односно кинење на лигаментите ( парцијална или комплетна ).

Повредата на скочниот зглоб со кинење на лигаментите се карактеризира со нестабилност на зглобот. Најчест проблем во лекувањето на тешките повреди на скочниот зглоб претставува можност за појава на хронична нестабилност во зглобот со често свиткување или шинување на скочниот зглоб.

Третман на повреди на скочниот зглоб

Целта на третманот е целосно функционално да му овозможи на спортистот да се врати во спортот со минимален ризик од повторна повреда. Третманот се изведува во три фази.

Првата фаза на лекување вклучува период од 48-72 часа од почетокот на повредата. Во оваа фаза се применуваат принципите на акутен третман на спортски повреди – ОЛКЕ (одмор, лед, компресија, елевација).

Се применува:

  • лед локално 10-15 минути, потоа
  • бандажирање со еластичен завој и
  • одмор со крената нога.

Во случај на постоење: јасно изразен оток, крвна течност, болна чувствителност на коскеното испакнување на скочниот зглоб и неможност да се потпре на ногата – потребно е да се направи рентген на скочниот зглоб !

Втората фаза од третманот е период на одмор со воведување на програма за постепено активирање на скочниот зглоб, трае од 1 до 3 недели, во зависност од тежината на повредата. Во случај на кинење на лигаментите, се користи имобилизација (ортоза или гипс), додека во случај на истегнување на лигаментите, доволен е еластичен завој со одмор.

Во оваа фаза се уште се применува криотерапија (лесна масажа со лед со кружни движења) 5-7 минути три пати на ден и со физикални третмани. Физикалната терапија се состои од примена на електро терапија, ласеро терапија, ултразвучна терапија и во зависност од сериозноста на повредата, може да се примени и магнето терапија. Целта е да се намали отокот, болката, да се подобри циркулацијата во скочниот зглоб и  да се нормализира функционалноста на зглобот.

      


Кога ќе исчезнат отокот и болката, започнува програмата за кинезитерапија.

Програмата за кинезитерапија се состои од:

  • вежби за  нормализирање на обемот на подвижност на зглобот;
  • вежби за истегнување;
  • вежби за зајакнување на мускулите на стапалото.

Третата фаза од лекувањето се спроведува кога повреденото лице е без симптоми и кога отокот е намален. Во оваа фаза се спроведува комплетна програма на вежби за зајакнување на мускулите на скочниот зглоб.

Целта на рехабилитацијата кај повредите на скочниот зглоб е целосно функционално закрепнување на повредениот зглоб и можност за враќање на спортските активности со елиминирање на ризикот од повторна повреда.

Кога може да се вратат на спортски активности?

На активни спортски активности може да започнат кога:

  • нема болка во повредениот зглоб,
  • се постигнува целосен обем на движење на зглобот,
  • 90% мускулна сила во споредба со здравата нога.

По повреда на скочниот зглоб, постои 2-3 пати поголем ризик од повторување на повредата, па затоа се препорачува превентивна употреба на еластични завои или стегачи. Одржувањето на мускулната сила и еластичност, како и загревање пред физичка активност е задолжително.

“Примената на физикалната терапија и кинезитерапијата се едни од најважните третмани за лекување и превентива кај повреди на скочниот зглоб.“